“Ми се појави црно пред очите“

Прочитај за: < 1 минута

Активистката Ана Глигорова заврши во болница откако вработен на велосипед на компанија за достава на храна, вчера, со брзина од 20 километри на час, удрил директно во неа додека го возела својот велосипед во близина на Градскиот парк. Глигорова е пуштена на домашно лекување, но има голем број на набиеници, болки во ребрата, левата страна од главата, раката и вратот.

Велосипедистот со брзање возел на нејзината страна од патеката, а ударот не можел да биде избегнат. Таа за „Слободен печат“ вели дека во сообраќајот во Скопје, покрај автомобили и мотори, добар дел од учесниците се велосипедисти, но дека законската регулатива недоволно е фокусирана на тоа дека човек може многу да настрада и на велосипед. Дури и доставувачот на храна, кога ја удрил и рекол дека „нема правила”. Голем дел од градот не е покриен со велосипедски патеки, што на милост и немилост ги изложува велосипедистите.

Ми се појави црно пред очите. Ударот беше многу силен. Имам болки во ребрата, главата, набиеници во фацијалниот дел, левата рака. Леташе три метри откако ме удри. Работат на норма и не внимаваат. Нема правила, ми вели. Кога дојде брзата помош и него му рекоа да влезе, дека не е добар, ама не сакаше, морал да се врати на работа. Тоа е проблематичниот капитализам. Сметам дека треба да има некои обуки или критериуми за тоа кој може да вози велосипед кога е професионално ангажиран. Не носеше ни кацига. Уште сакаше и крива да ме направи. Вратот не го чувствувам. Три ипол часа бев во ГОБ „8 Септември“ на испитувања, снимања на мозокот, но најверојатно немам повреди на мозокот. Да не беше живата ограда ќе успеев да се тргнам, но вака, немаше што да направам. Паметам само многу силен удар, огромни болки и црно пред очите, вели Глигорова за „Слободен печат“.