
Македонија може да очекува олабавување на рестриктивните мерки доколку се покаже дека над 70 проценти од граѓаните имаат имунитет од вирусот – преку вакцина или откако ја прележале болеста. Во тек е испитување на граѓаните по случаен избор, на локации кои не се откриваат во јавноста, и наскоро се очекува да се има увид во имунитетската состојба на граѓаните.
Епидемиолошката состојба во цела држава благо се намалува, односно се намалува пикот од четвртиот бран. Нивото на вакцинација и целосна имунизација кај нас е пониска од државите членки на ЕУ. Ние посакуваме позитивни резултати од оваа анализа за да потоа ги намалиме мерките односно да бидеме послободни за функционирање. Ако добиеме позитивни резултати според кои ќе има над 70 отсто од вкупната имунизација во државата, тогаш ќе почнеме со олабавување и олеснување на мерките, изјави министерот за здравство Беким Сали.
Тој рече дека ќе се направат 3,000 анализи – при што во Скопје веќе се собира материјалот, а наскоро ќе се почне со работа и во другите градови.
Министерството паралелно врши испитување на децата во основните училишта за присуство на вирусот.