Менкиновски: На 4 февруари на гробот на Гоце може да се очекуваат провокации за судир со Бугари

Прочитај за: < 1 минута

На 4 февруари на гробот на Гоце Делчев во Скопје може да се очекуваат обиди за провоцирање судир со Бугари што најавија присуство на 151-годишнината од раѓањето на апостолот на македонската револуционерна борба, но до инцидент нема да дојде поради „мудроста на Македонците“, очекува адвокатот Тони Менкиноски.

Тој уверува дека „македонскиот народ е многу паметен“ и нема да дозволи евентуален напад врз дојденци од Бугарија во црквата „Свети Спас“ да биде искористен од официјална Софија на штета на Македонија, па ја повика власта со своите служби да обезбеди чествувањето да помине мирно, пишува експрес.мк.

„Како што бугарската полиција го обезбеди отворањето на клубот на Македонците ‘Никола Вапцаров’ во Благоевград, па Џамбаски и неговите приврзаници ги држеше подалеку од нас, така и македонската мора да спречи блиска средба меѓу двете спротивставени страни што најавуваат присуство на настанот во Скопје. Треба да го надминеме овој период на местенки од одредени групи кои сакаат да провоцираат, за потоа ние да бидеме претставени како хулигани. Полицијата не смее да дозволи ни истакнување на бугарското знаме кај гробот на Гоце, како што ни ние во Благоевград не го истакнувавме македонското, туку само знамето на ОМО ‘Илинден’-ПИРИН“, изјави Менкиноски во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа ТВ.

Застапникот на Македонците од Бугарија пред Судот за човекови права во Стразбур додаде дека „не можат да ни го одземат нашето основно право да се идентификуваме како Македонци“.