Македонци и Албанци собраа над 80.000 долари за да си изградат стадион во Преспа

Прочитај за: < 1 минута

Малкумина во државата чуле за селото Наколец, место со едвај 260 жители во општина Ресен, кое се наоѓа на само пет километри од македонско-грчката граница, но тоа наскоро ќе се смени, откако спортските вљубеници од него се пред самата целна линија за да си го исполнат сонот – да изградат стадион и рекреативен центар за тие што сè уште живеат во него.

Причина што приказната за Наколец е единствена и неповторлива е што спортскиот објект нема да им го изгради локалната ниту централната власт, туку тие самите со собирање пари преку интернет-мрежата за таа намена „ГоуФандМе“. Љубовта, пред сè кон фудбалот, придонесе да се занемари нацијата и верата, да се застане сложно кон целиот прокт, за кој сложно работат Македонци, Албанци, Турци, Роми и останати националности кои може да се најдат во овој преспански крај. Пари уплатуваа и непознати страци од „белиот свет“, кои го препознаа големото срце на наколичани и нивната огромна љубов кон спортот, но и кон своето село.

Тие досега имаат собрано нешто повеќе од 80.000 долари, што е многу блиску до зацртаната цел од 100.000 долари, колку што сметаат дека ќе им биде потребно да го остварат својот сон. Идејниот проект е веќе направен и тој изгледа прекрасно, бидејќи покрај модерниот фудбалски стадион ќе има и игралишта за кошарка, одбојка, но и рекреативен центар со маси за пинг-понг, билијард, како и детско игралиште.

Заедништвото на жителите на Наколец и нивната сплотеност без разлика кој на која националност и вера им припаѓа, треба само да биде пример за останатите македонски граѓани и пред сè за политичарите.

SHARE