Македонски полицајци фатени со дрога во Црна Гора, а МВР тврди дека дрогата била заборавена од 2016-та

Прочитај за: < 1 минута

Македонски полициски службеници се фатени со дрога во Црна Гора која била скриена во специјални бункери под седиштата. Од МВР официјално потврдуваат дека се случил настан во кој била најдена марихуана во автомобил што го возеле полициските службеници, но објаснуваат тие не биле поврзани со настанот, туку дрогата останала во автомобилот од акција за запленета дрога во 2016 година.

Возилото, како што објаснува МВР им било дадено на користење од Агенцијата за одземен имот, па така, како што велат дрогата се нашла во автомобилот.

„Во текот на вчерашниот ден, вработени во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР се упатиле на обука во Црна Гора, и за патување до таму задолжиле службено возило од авто паркот на МВР, кое инаку МВР го користи откако е добиено од Агенцијата за управување со одземен имот, а било запленето од страна на Царинската управа во акција за сузбивање на трговија со дрога во 2016 година. Кога стигнале на границата меѓу Албанија и Црна Гора, во возилото била пронајдена марихуана, која била скриена под седиштата. Но, вработените во МВР немаат никаква врска со дрогата туку таа била скриена во автомобилот, односно останала од 2016 година кога ова возило било запленето во акција на Царинската управа, а потоа дадено на Агенцијата за управување со одземен имот, од каде пак е отстапено на МВР. Вработените во МВР немаат никаква поврзаност со дрогата и тоа го потврдило и албанското јавно обвинителство и тие се веќе вратени во Скопје“, се вели во одговорот што МВР, пренесува МКД.МК.

SHARE