
Профашистичка кампања со која Бугарија сака да прикаже дека Македонците се Бугари, вака историчарот Александар Литовски ја коментира инвазијата на бугарски здруженија во Македонија со имиња на личности, длабоко поврзани со нацистичко фашистичка идеологија.
Откако во Битола се отвори културниот клуб „Ванчо Михајлов“, следеше регистрација на здружение во Охрид со името на „Цар Борис Трети“, а сега во најава е уште едно во Богданци „Цар Фердинанд“.
Но, Литовски вели дека оваа кампања Бугарија ја води во различни форми.
Преку овие здруженија, како и преку еден куп портaли со пробугарски ставови, како и агитацијата која ја вршат агенти на бугарските тајни служби, и таканаречни бугарски фондации, сите тие служат за ширење на профашистичка и национал шовинистичка кампања во која Македонците ќе се убедат дека не е се она што се туку нешто друго. Крајната цел е Бугарија да ги оствари своите санстефански фикции од 19 век, вели проф. д-р Литовски за Телма.
Државата преку своите инструменти мора да ги спречи овие појави, кои се насочени против асномските темели на македонската држава, вели Литовски и додава дека ширењето на бугарска пропаганда потсетува на ситуацијата пред 100 години и според историската аналогија тоа не носи ништо добро.
Од историски аспект гледано последиците можат да бидат војна, страдања и поделба на Македонија, вели Литовски.
И покрај културниот предзнак кој сакаат да го прикажат овие здруженија, со имињата на контроверзни личности, негатори и асимилатори на македонскиот народ, јавноста во Македонија ги доживува исклучиво како провокација.
Единствен државен орган што досега поведе постапка е Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која изврши увид во клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола по претставка за дискриминација по основ на национална и етничка припадност, поднесена од друго битолско граѓанско здружение.
https://www.youtube.com/watch?time_continue=68&v=qOUQSuzv1tk&feature=emb_logo