Исклучените од парно повеќе нема да плаќаат надоместок

Прочитај за: 3 минути

Крај на агонијата за голем број граѓани: со новите предлог-правила за снабдување со топлинска енергија се брише одредбата со која исклучените од парно греење со години плаќаа фиксен надоместок, пишува Дојче веле.

Граѓаните кои се исклучeни од системот за парно греење повеќе нема да плаќаат надоместок. Како што дознава Дојче веле ова е предвидено во новите предлог-правила за снабдување со топлинска енергија, за кои денеска треба да се дискутира на подготвителна седница на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Со новите Правила за снабдување со топлинска енергија се укинува одредбата во членот 52, став 2, од старите Правила за снабдување со топлинска енергија, според која „исклучените потрошувачи се задолжуваат со плаќање на надоместокот за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно тарифниот систем за топлинска енергија“.

Со новите Правила овој став комплетно се брише, а се воведува постапка на кој начин во иднина би можеле да се исклучуваат потрошувачите од системот за топлинска енергија. Владата уште во декември 2017 година вети дека домаќинствата во Скопје кои се исклучени од централното греење во 2018 година ќе бидат ослободени од плаќање, но тоа не се реализираше. Во меѓувреме се чекаше регулаторите од РКЕ да ја добијат Студијата од МАНУ, која во изминатиот период правеше анализи какво е влијанието на исклучените врз системот за парно греење.

Како што дознаваме, единствената дилема што останува е – дали од плаќање фиксен надоместок да бидат ослободени и сопственици на дел во станбени, станбено-деловни и деловни објекти, каде распределбата на надоместокот се врши преку еден мерен уред, а во кој сопственикот не живее или не го користи објектот за деловни потреби.

Неофицијално, преовладува мислењето дека и тие треба да бидат ослободени од плаќање фиксен надоместок, но конечниот став допрва треба да биде донесен.

Судски процеси, блокирани сметки

Веста дека се укинува фиксниот надоместок ќе израдува меѓу 12.000 и 20.000 домаќинства во Скопје, кои беа исклучени од системот за снабдување со топлинска енергија. Се проценува дека досега повеќе од 6.000 граѓани се соочиле со извршни судски решенија заради досегашната мерка. Беа принудени да плаќаат фиксен надоместок само поради цевките кои поминуваат низ нивните станови, а ваквата обврска пред судовите ја обжалија и голем број сопственици низ чии станови и воопшто не поминуваа цевките од системот за греење. Но, без успех. Гневот растеше, бидејќи најголемиот дел од нив во согласност со регулативата го имаа раскинато договорот за снабдување со топлинска енергија уште со претходниот снабдувач „Топлификација“, а им беа наметнати обврски да и плаќаат надоместок на компанијата „Балкан Енерџи Груп“ (БЕГ) која подоцна ја презеде оваа дејност. Со БЕГ тие немаа ниту склучени договори, ниту имаа какви било облигаторни односи, ниту пак таа смееше да ги презема нивните лични податоци од „Топлификација“, компанија со која овие лица веќе ги раскинале договорите. И покрај ваквите околности, Уставниот суд донесе одлука и граѓаните со ладни радијатори да плаќаат надоместок за греење во тек на сезона.

Но пасаран“

Лани во февруари, Врховниот суд донесе правно мислење според кое „станарите кои никогаш не биле приклучени на систем на топлинска енергија, не склучиле договор за снабдување со топлинска енергија и немале поставено внатрешна инсталација од снабдувачот на топлинска енергија, немаат статус на исклучени пасивни потрошувачи и со тоа не треба да плаќаат надомест за ангажирана моќност (фиксен дел од надоместокот за топлинска енергија)“.

Во овој случај стануваше збор само за категоријата на станари кои имаат станови во зграда во која претходно немало инсталирано систем за снабдување со топлинска енергија; каде некои од станарите инсталирале сопствен систем за греење во својот стан пред да биде внесена инсталација од снабдувачот на топлинска енергија; каде на барање на дел од станарите, снабдувачот со топлинска енергија извел инсталација за тие станови, со тоа што цевките не поминувале низ другите станови туку надвор од становите низ ходниците; и каде станарите кои не се приклучиле на системот никогаш не потпишале договор за снабдување со топлинска енергија.

Со ова правно мислење, од обврската за плаќање фиксен надоместок беа ослободени мал дел од засегнатите, пред се, станари во новоизградени станбени објекти. Но, за 90 отсто проблемот остана нерешен. Голем дел од граѓаните и натаму се соочуваа со блокирани сметки, со трошоци за адвокати и најчеста маршрута – до судовите.

Ова предизвика голем бран на незадоволство, кое го артикулираше Здружението за заштита на граѓанските права „Но пасаран“. Во изминатите години претставници на ова здружение и незадоволни граѓани секој викенд протестираа пред канцеларијата на РКЕ. Лани во октомври РКЕ покани претставници на „Но пасаран“ да ги достават сите забелешки на Правилникот, и заедно со претставници на БЕГ да учествуваат во Работната група формирана со цел да работи на новите правила за снабдување со топлинска енергија. Епилогот од активностите на Работна група и одредбите во новиот правилник би требало да бидат познат денеска – на задоволство на граѓаните и „Но пасаран“.

SHARE