
Истражувачката Репортерска Лабораторија ИРЛ предупредува дека македонски јавни личности на своите страници на Фејсбук и Инстаграм промовираат лекарства и витамини кои се непроверени, па дури и опасни за здравјето на тие што ги користет. ИРЛ јавува дека Агенцијата за храна и вино побарала од полицијата да ја блокира интернет страницата на компанијата „Слимлајн“ која ги нуди овие производи, но две години полицијата не постапува.
Суплементите на еден од најстарите и најпопуларните македонски брендови за одржување на телото „Слимлајн“ биле лажно декларирани додатоци за храна кои содржеле антидепресиви и опасни лекови за слабеење. Со цел да избегнат строги контроли и потреба од регистрација во Агенцијата за лекови, суплементите ги продавале како додатоци за исхрана. Една од пронајдените супстанции е субитрамин. Во САД, ЕУ и во Македонија, субитраминот е забранет за употреба поради опасност од сериозни и штетни ефекти врз здравјето на луѓето. Србија пред четири години ги забранила производите на „Слимлајн“ за употреба откако властите откриле дека суплемент на оваа компанија содржел антидепресиви, пишува ИРЛ во своето најново истражување.
ИРЛ посочува дека „производите ги рекламираат познати лица на „Инстаграм“ и „Фејсбук“, односно таканаречени инфлуенсери, а сопствениците ангажираат и фитнес-инструктори со цел производот да им се доближи на оние што вежбаат. Меѓу познатите лица ангажирани да ги рекламираат производите на „Слимлајн“ се и позната ТВ-водителка Лила Филиповска, која има 210 илјади следбеници само на „Инстаграм“, таканаречената инфлуенсерка Јелена Спенџарска со 47 илјади следбеници, лајфстајл инфлуенсерката за здрав живот Христина Пан, но и инфлуенсери од регионот бидејќи „Слимлајн“ ги испорачува своите производи преку достава откако тие ќе се нарачаат на нивната веб-страница“.
https://irl.mk/zabraneti-suplementi-za-ubavina-i-zdrav-e-ve-demnat-na-interent/