Ивица Боцевски: Европската интеграција е мртва

Прочитај за: 2 минути

Поранешниот потпретседател на Владата за европски интеграции Ивица Боцевски смета дека иницијативата на францускиот претседател Емануел Макрон, која во моментов низ Балканот активно ја промовира претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел, значи крај на идејата за реално интегрирање на балканските земји во ЕУ. Како што Боцевски пишува во својата нова колумна во Нова Македонија, предлогот на Макрон е дури полош од влезот во Европската економска заедница – идеја за која неодамна претседателот Стево Пендаровски рече дека била неприфатлива и дека Македонија ја одбила.

Шарл Мишел, претседателот на Европскиот совет, конечно ги расчисти дилемите на скопската политичка чаршија со неговата доработка на францускиот предлог во форма на „европска геополитичка заедница“. Неделава, поточно на 18 мај, тој конечно ја уби европската интеграција, како процес, кога предложи „реформа на проширувањето“. Според него, актуелниот процес на „сѐ или ништо“ (Боже, сите започнале да употребуваат коцкарски термини, како Заев), води кон разочарување. Не знам само зошто води кон разочарување кога најголемиот дел од поранешните комунистички земји веќе влегоа во Унијата? Па, затоа во неговата реформа тој предлага процесот да биде побрз, постепен, но и повратен, што ќе рече ЕУ да има моќ полноправно да ги вклучува земјите во определени сектори, но потоа и да ги исклучува доколку се заклучи дека се влошила состојбата со владеењето на правото или демократизацијата. Целиот овој процес каде што земјите час ќе бидат внатре, а час надвор затоа што некому така му текнало, треба да се одвива во нешто што ќе се нарекува „европска геополитичка заедница“ и каде што ќе влезат сите земји од Западен Балкан, земјите од Источното партнерство (Украина, Молдавија, Грузија, Ерменија и Азербејџан), а веројатно и Британија, Швајцарија, како и земјите од Европскиот економски простор.
Значи, ја нема дури ни понудата за влез во заедничкиот европски пазар, која само пред некое време претседателот Пендаровски толку гордо и пркосно ја одби. Што да каже сега Македонија, која како прва земја од Западен Балкан ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација, дури и пред Хрватска, која веќе е членка? Што да каже Црна Гора, која веќе ги има отворено сите преговарачки поглавја? Што да каже Србија, која сака дополнително да го забрза нејзиното инвестициско чудо и економски раст преку целосна хармонизација на правниот систем и на регулативата со стандардите на Европската Унија?

SHARE