Заев: Подготвен сум да ја молам Бугарија за влез во ЕУ

Прочитај за: 2 минути

Јас сум подготвен да одам во Софија и да помолам да најдеме решение и да ги почнеме пристапните преговори со Европската унија, изјави премиерот Заев, кој рече дека се надева наскоро да оствари средба со техничкиот премиер на Бугарија Стефан Јанев. Сепак повтори дека македонскиот јазик и македонскиот народ не преговара. Бараме Европа да биде Европа, рече Заев, објави ТВ21.

„Тоа молиме, европски манири. Молиме европски однос на сите наши соседи, жалам што во моментот е техничка влада не е политичка влада да понесе одговорност и затоа кажувам, секогаш сме со резерва и не знаеме дали ќе има одлука. Но ние треба да работиме да успееме и ако успееме би било одлично, ако не сигурно ќе имаме чекор повеќе да успееме август – септември или периодот кој што доаѓа пред нас. Не чепкаме во ничии други корења или идентитет и не сакаме да ни чепне никој. Ги чуваме овде сите идентитети сакаме и нашиот да биде сочуван“, посочи Заев.

Заев рече дека според него португалскиот предлог е добра основа за преговори. А претседателот на Португалија Марсело де Соуза е во Софија на средба со бугарскиот претседател Румен Радев. Радев изјави дека е важно да се врати дијалогот меѓу Бугарија и Македонија како и дека бара гаранции за проширувањето на Европската унија за Македонија.

„Гледам отворање перспектива за интензивно продолжување на дијалогот, за развој на соодветни патокази, соодветни документи и односи на сите структурни нивоа, што ќе ги дадат соодветните гаранции за нас, особено за да бидеме убедени дека процесот на проширување ќе биде ефикасен, стабилен и неповратен. Во однос на тоа дали Скопје ги исполнува условите, секако, има цел список формални услови“, истакна Радев.

Соуза кој е во посета на Бугарија по две недели откако португалскиот шеф на дипломатија Сантош Силва го донесе португалскиот предлог во Софија, рече дека Лисабон го поддржува проширувањето но порача Бугарија и Македонија да ги водат преговорите без многу кревање врева.

„Постојат европски земји со различни позиции по прашањето за проширувањето на Европската унија. Португалија има принципиелен став – го поддржува проширувањето. Ги поздравуваме и се восхитуваме на напорите за дијалог меѓу Бугарија и Северна Македонија. Ги поддржуваме конкретните чекори за поддршка на дијалогот, но кревањето врева не помага, туку одмага“, истакна претседателот на Португалија.

До одржувањето на Советот на Европската унија има уште 20 дена, кога ќе биде познато, дали Македонија ќе ги почне преговорите.

SHARE