ЗАЕВ: Ќе поднесам оставка ако го загубиме Скопје, но Владата останува предводена од СДСМ

заев
Прочитај за: < 1 минута

Премиерот Зоран Заев најави дека ќе поднесе оставка ако во вториот круг од локалните избори в недела СДСМ загуби во Град Скопје, во вечерашното гостување на ТВ Сител. Но, додава тој, владата останува да биде предводена од неговата партија.

“Пораката е генерално за мобилизација. Јас сум борец човек. Но, потребна е поддршката од граѓаните. Можете да бидете вие колку сакате храбар, притоа претпазлив за сето тоа што е важно за државата и да ја интегрирате во НАТО, да добиете понуда за почеток на преговорите со ЕУ да дај боже до крајот на годината отвориме прва меѓувладина конференција, тоа се надежите и моите согледувања кои ги имам, но не можете да имате општини кои го шират конзерватизмот, национализмот и ги делат граѓаните или општини каде, на пр. Скопје како град е Влада во Влада, тој е многу важен, или сите други општини кои остануваат. Да имате политики кои ќе ве скараат со соседите, а тоа не носи кон интеграциите на ЕУ или да се борите во делот на поддршка на модерни булевари, модернистички решенија, а некој да се залага за сосема спротивно, а тоа е барокот и слично. Јас или Влада предводена од мене не може понатаму да води таква Влада”, кажа Заев, одговарајќи на дали ќе поднесе оставка доколку се изгуби Скопје или неговите претходни изјави во таа насока се само за мобилизација на гласачкото тело.

Прашан дали во тој случај некој друг од СДСМ ќе ја преземе премиерската функција, тој одговори потврдно и навести зголемување на парламентарното мнозинство.

“Секако, Влада предводена од СДСМ, со партнерите, плус зајакнато мнозинство, останува Влада предводена од СДСМ”, рече Заев.

SHARE