„Детето јајце“, парите собрани за него ќе ги подели со муслиманите

Прочитај за: 2 минути

Момчето кое со јајце го погоди австралискиот сенатор Фрејзер Анинг поради изјавата за терористичкиот напад на Нов Зеланд, сака на семејствата на жртвите да им испрати помош што е собрана за негова одбрана пред суд.

Тинејџерот кој со јајце по глава го погоди австралискиот сенатор Фрејзер Анинг поради изјавата во која ги обвинува муслиманите за терористичкиот напад на Нов Зеланд, соопшти дека поголемиот дел од хуманитарната помош што е собрана за него, ќе ја подели со жртвите од нападот во Крајстчрч, пренесува Anadolu Agency (AA).

Најмалку 50 верници се убиени во терористичкиот напад што се случи во петокот за време на петочната молитва (џума намаз) во две џамии во новозеландскиот град Крајстчрч. 

Австралискиот сенатор Анинг во обраќањето пред медиумите се обиде да го амнестира терористот и вината за нападот да им ја припише на муслиманите и имиграциските програми, кои им дозволуваат влез во земјата. Во тој момент од зад грб му пријде и со јајце по глава го погоди 17-годишниот Коноли. Анинг реагираше удирајќи му шлаканица на момчето.

Потоа поддржувачите на сенаторот го соборија момчето на земја и го удираа.

Весникот „Њу Зеланд хералд“ („New Zealand Herald“) започна интернет-кампања „GoFundMe“, со цел собирање средства за правна одбрана на момчето кое со нападот со јајце протестираше против изјавата на сенаторот.

Иницијаторите на кампањата соопштија дека Коноли, сега познат и како „Дете јајце“, инсистира поголемиот дел од собраните пари да им се испратат на семејствата на настраданите во Крајстчрч.

Досега во кампањата се собрани 42.000 американски долари, а кампањата трае и понатаму.

Коноли по нападот врз сенаторот е сослушан во полицијата и пуштен на слобода.

„Тоа беше момент во кој бев горд што сум човек. Би сакал да знаете дека муслиманите не се терористи и дека тероризмот нема вера. Сите кои мислат дека муслиманите се терористи се со празни глави како Анинг. Им благодарам на сите за поддршката, слушнав дека сте ми дале прекар „Дете јајце““, напиша Коноли на Твитер.

Реакцијата на Коноли наиде на одобрување во пошироката јавност, а меѓу коментарите на неговата порака пишува „Ти благодарам, кралу“, „Суперхерој“, „Ти благодарам, ја претставуваш цела Австралија“.

Извор; Anadolu Agency (AA)

SHARE