Давидовиќ: Се е потчинето на лаги, корупција и хохштаплерај, а народот веќе нема доверба во никого – затоа немаме систем и напредок

Прочитај за: 3 минути

Автократија, технократија до какистократија беше нарекуван и дефиниран системот кој е присутен кај нас, соодветно на тоа и носителите на власта беа нарекувани согласно истото.

Но како изминува времето, како власта периодично се менува преминувајќи од една на друга партија во македонскиот блок со една константа во албанскиот, следејќи ги случувањата, аферите, начинот на владeење и однесување сметам дека се работи за систем на владеење и управување кој би требало да се нарече хохштаплерократија, пишува адвокатот Звонко Давидовиќ во неговата колумна за Фокус.

Во продолжение на колумната вели:

Хохштаплер, потекнува од германскиот збор Hochstapler, означува личност која се претставува во подобра светлина од она што е, се обидува да покаже дека е личност со повисок општествен статус, подобра професионална позиција или поголем имот најчесто со намера да изврши измама или некое друго коруптивно дејствие.

Тие понекогаш подолг временски период ја мамат својата околина и под паролата mundus vult decipi (светот сака да биде измамен) хохштаплерите успеваат да ја искористат лековерноста или довербата на луѓето со кои контактира или група на луѓе кои му се целна група.

Хохштаплерократија е систем на владеење во кој оној кој се бори за власта се претставува во подобра светлина и со високи морални вредности, претставувајќи му на народот дека борбата за власт и освојувањето на истата е само со цел за добробит и просперитет на народот и државата, мамејќи ги сите околу себе дека вистинската цел е власта, голата моќ и полнење на својот џеп и партиската каса на секој можен начин користејќи ја власта која ја има.

Искористувајќи ја лековерноста и довербата на народот хохштаплерот доаѓа на власт и почнува истиот миг да ја користи моќта прво за вработување на свои блиски, на подлизурковци и полтрони кои ќе му ги вршат “прљавите” и коруптивни работи и луѓе од кои има интерес или полза.

Следниот чекор на хохштаплерот е да почне со местење на тендери, јавни набавки и други финансиски зделки од кој најголема корист ќе има тој, неговите блиски и партијата, а најголем зијан народот и државата.

Секој свој незаконит потег и коруптивно дејствије, како вистински и веќе искусен хохштаплер, го покрива со лажни вести, спинувања или нетранспарентност.

Палетата на лаги на еден хохштаплер е бескрајна и тој еднаш тврди дека е тоа во интерес на државата, на народот, другпат дека така сакале големите сили кои ни се сојузници, третпат дека тоа што го прави ќе донесе бенефит во иднина.

Честопати ја користи и нетранспарентноста, молкот и зависноста на медиумите па ништо и нема да излезе во јавноста. А зад сето тоа стои единствено неговата хохштаплерска природа и клептоманскиот карактер.

Во мигот кога ќе се обелодени некоја афера хохштаплерот со својата тајфа вперува прст кон „предавникот” и сета вина ја префрла на негови плеќи тврдејќи дека измислува и лаже за да ја поткопа државата и дека работи во интерес на некоја странска служба.

Ако и тоа не помине тогаш жртвува некои од своите пиончиња од понискиот ешалон кој ќе ја понесе вината за сите и се.

Институциите на системот ги користи за заплашување на своите опоненти и нивно дисциплинирање или за приграбување на нивниот имот.

Неретко прибегнува и кон користење на обвинителството и судството, кои се комплетно под политичка контрола , за справување и елиминирање на своите противници преку една квази правна разврска со исконструирано обвинение и постапка и со нарачана и однапред напишана пресуда.

За да се остави поголем впечаток во јавноста како борбата со криминалот тече, највисоките функционери од власта лицитираат со казните и притворите упатувајќи јасна порака и на судството што се очекува од него и што треба да испорача и на народот што ќе го снајде непослушниот.

Токму поради сето ова немаме напредок, немаме систем, имаме заробени институции, и зависно и послушничко судство. Се е потчинето на лаги, корупција и хохштаплерај, а народот нема повеќе доверба во никого и ништо.

„Човештвото не го држат лагите, довербата е темел на општеството. Таму каде што нема вистина, не може да има ни доверба, а каде што нема доверба, нема ни општество”– Frederick Douglass.