
Гувернерката на Централната банка на Македонија Анита Ангеловска Бежоска излезе со песимистични проценки за македонската економија во текот на 2022 година. Во разговор за Радио Слободна Европа, таа најавува пониски стапки на економски раст и помалку пари за граѓаните.
Ние како Централна банка направивме надолна ревизија на нашите проекции за економскиот раст за оваа и наредната година. За оваа година очекуваме сега раст од 2,9 проценти, наместо 3,9 проценти кој го очекувавме во текот на октомвриските проекции од минатата година. А за наредната година очекуваме раст од 3,6 проценти. Ризиците околу ова основно сценарио се сепак надолни со оглед на специфичноста на шокот со кој се соочуваме, тоа е војна и можност за воведување на дополнителни и нови санкции и така натаму. Оттаму покрај ова основно сценарио ние направивме и дополнително попесимистичко сценарио. Штом се намалува економската активност, односно очекуваме забавување на економската активност и нагорни притисоци кај инфлацијата тоа во основа значи помал расположлив доход кај населението, односно неповолни ефекти врз животниот стандард, вели Бежоска.