Гест против дискриминацијата на девојчето со Даунов синдром

Прочитај за: < 1 минута

Претседателот Стево Пендаровски денес го посети Гостивар каде го придружуваше девојчето Ембла Адеми на училиште. Приказната на Ембла, која има Даунов синдром, ја потресе Македонија откако девојчето беше напуштено од нејзините соученици и оставено сама да седи во училницата на почеткот на школската година.

Неприфатливи се однесувањата на оние кои на кој било начин ги загрозуваат правата на децата, дотолку повеќе кога станува збор за деца со атипичен развој. Тие не само што треба да ги уживаат правата кои им следуваат, туку и да се чувствуваат еднакви и добредојдени во училишните клупи и училишниот двор. Тоа е наша обврска, како држава, но и како поединци, а клучниот елемент во оваа заедничка мисија е емпатијата. Таа ќе им помогне на децата како Ембла, но ќе ни помогне и нам, да научиме од нив како искрено да се радуваме, да споделуваме и да бидеме солидарни, додаде претседателот. Во ова општество сите сме еднакви. Дојдов да ја дадам мојата поддршка и да ја кренеме свеста дека инклузијата е основен принцип, рече претседателот Пендаровски.

По бурните реакции во јавноста, во училиштето „Единство“ во Гостивар беше решено девојчето да учи дел од годината во три различни одделенија, со цел да се смират негативните реакции на нејзините соученици и нивните родители, кои се бунеле дека Ембла е агресивна за време на часовите.