Вакцини против Ковид-19 се продаваат и на црниот пазар на интернет, просечната цена е околу 500 долари

Прочитај за: 2 минути

Истражувачи од компанијата „Касперски“ испитале 15 различни пазари на црниот пазар на интернет „Даркнет“ и откриле реклами за три вакцини против Ковид-19, односно, тие на компаниите „Фајзер“, „АстраЗенека“ и „Модерна“, пренесува „Н1“.

Како што се наведува во соопштението на „Касперски“ имало и продавачи кои рекламирале и непроверени вакцини.

„Повеќето продавачи се наоѓаат во Франција, Германија, Велика Британија и САД, а цените по доза се движеа од 250 до 1.200 долари, со просечна цена од околу 500 долари. Комуникацијата се прави преку апликациите за шифрирана размена на пораки, како ‘Викр’ и ‘Телеграм’, додека барањето за исплата се прави со криптовалути, пред се, со биткоини“, соопштија од „Касперски“.

Се додава дека повеќето од овие продавачи на црниот пазар, извршиле меѓу 100 и 500 трансакции, што укажува на тоа дека оствариле продажба, но што точно купуваат корисниците на „Даркнет“ останува нејасно.

„Со достапните информации на експертите од компанијата ‘Касперски’, невозможно е да се каже колку од дозите вакцини кои се рекламираат онлајн се вистински дози и колку реклами се всушност измами. Дури и да добиете нешто по пошта, најверојатно она што би го добиле не би била ефикасна, валидна доза. Што е уште поважно, прибавувањето такви дози е незаконски“, додаваат тие.

Експертот за безбедност Дмитриј Галов вели дека на „Даркнет“ можете да најдете скоро сè, па затоа не е изненадувачки што тамошните продавачи ќе се обидат да ја искористат кампањата за вакцинација.

„Во текот на минатата година, имаше голем број измами кои беа поврзани со коронавирусот, и многу од нив беа успешни. Во моментов, не само што луѓето продаваат дози вакцини, туку тие исто така продаваат и записи за вакцинација, документи што можат да ви помогнат да патувате слободно. За корисниците е важно да се внимателни кога се работи за било какви ‘понуди’ кои се поврзани со пандемијата, и се разбира, никогаш не е добра идеја да се купи вакцина на ‘Даркнет’“, истакнува Галов.

Извор: radiomof

 

- Следи Македонски Весник за повеќе содржини -

SHARE