Бучковски: Годинава ќе најдеме решение со Софија

Прочитај за: 2 минути

Мојата главна преокупација во последните неколку недели е соработката во медиумската сфера, универзитетите, културата, и да се пофалам – имаме сериозно голем напредок, вели Бучковски.

Таму избори, овде попис – темите кои вообичено се користат за политизации од секаков вид, дополнително ја кренаа и онака покачената температура меѓу Софија и Скопје. Во така зовриена ситуација, особено тешка изгледа задачата на специјалниот претставник на македонската Влада за Бугарија, Владо Бучковски. Но, спротивно на претпоставките, тој рефлектира силен оптимизам дека за сите спорни прашања ќе се најде решение, објави DW.com.mk.

„Јас по природа сум оптимист, и верувам дека до крајот на мојот мандат, (декември оваа година – н.з.) ќе најдеме решение за отворените прашања. Се наоѓаме во фаза на предизборие во Бугарија, затоа се обидуваме да бидеме претпазливи. Мојата главна преокупација во последните неколку недели е соработката во медиумската сфера, универзитетите, културата“, вели Бучковски.

На тој план, потенцира дека има одлична соработка со бугарскиот амбасадор Ангелов, и најавува почеток на многу идни соработки.

„Да се пофалам, имаме сериозно голем напредок, пред се’ заради големата посветеност на директорот на БНТ, Емил Кошлуков и неговиот тим, на директорот на БТА, Кирил Влчев во Софија, но и овде во Скопје исклучителен беше ангажманот на Македонскиот телеком (директорите Љушев и Станчев) за да стартува во рекордно брзо време БНТ на МаксТВ (вечерва), на директорот на МРТВ, Цветковски, во усогласувањето на текстот на договорот за соработка со БНТ, и на директорот на МИА, Антоновски, за соработката со БТА. Ректорот на Софискиот универзитет, Герџиков, со пет декани набрзо доаѓа во Скопје. Со ректорот на УКИМ, Јанкуловски, и со декани од повеќе наши факултети, ќе договараат конкретни проекти. За координација на овие активности постојано сум на релација Скопје-Софија-Скопје. Привршуваат активностите за влезот на Универзитетот од Велико Трново во заеднички студиски програми на Славјанскиот универзитет во Свети Николе. Тоа се дел од мерките за градење на доверба“, објаснува Бучковски.

- Следи Македонски Весник за повеќе содржини -

SHARE