Боцевски: СДСМ е мртва, потребна е нова партија која ќе се крепи врз асномското наследство

Прочитај за: 2 минути

СДСМ го изгуби АСНОМ и сега е потребно да се создаде нова партија, која ќе се крепи врз македонското партизанско наследство, како нов силен сојузник во патриотскиот и во државотворниот блок во борбата за Македонија.“ – вели Ивица Боцевски во својата колумна со наслов „Враќање кон асномското јадро на социјалдемократите“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Покрај другото, Боцевски пишува: „Има ли шанса македонските социјалдемократи да се вратат кон асномското јадро? По 19 јули СДСМ конечно раскрсти со сето свое историско бреме, што го носеше уште од Сојузот на комунистите на Македонија. СДСМ го изгуби и последниот потпорен столб како организација – АСНОМ, историското наследство на Народноослободителната борба на македонскиот народ и партизанската традиција. Штом една партија ќе се испразни од причините за своето постоење, тогаш се претвора во друг тип на организација – банда, дружина, мафија и други извитоперени форми на човечко здружување.“

„Не помнам дали во кратката македонска демократска историја досега се случило една партија да се откаже од самата основна идеја-водилка на своето постоење и да се претвори во сениште што ги уништува, гази и сотрува своите идеолошки темели. Се случувало некои политички партии да изумрат, некои и ден-денес ‘одат како зомби’, но не се сеќавам на ваков драматичен пад.

„На 19 јули 2022 година СДСМ беше конечно погребан, по гласањето на неговите пратеници за предлогот Ковачевски -Петков, така наречениот ‘француски предлог’. Целиот тим околу Зоран Заев не е способен да ја води државата,или која било институција. За карикатурата од премиер, наречен Димитар Ковачевски, не вреди да се трошат зборови. Во СДСМ има уште само една фасада од партали и од картони.“

„Уривањето навнатре на СДСМ остави на македонската политичка сцена една голема празнина, која допрва треба да биде пополнета. Раѓањето ново политичко движење, кое го црпи своето идеолошко наследство од асномското јадро, е насушно потребно за иднината на Македонија. За да може Македонија да го зачува обединувачкиот дух од јулските протести, сега е најзначајно да изникне тоа едно ново политичко движење, кое ќе се повика на партизанското наследство на македонските социјалдемократи и ќе го зачува асномското јадро на партијата. Македонската борба во 21 век ќе биде многу полесна со таков силен нов сојузник во патриотскиот и во државотворниот блок.“

(Оваа колумна ѝ е посветена на Илинка Митрева – жена борец, патриот и интелектуалец, која несомнено ќе беше корифеј во борбата за обнова на македонската државност и за одбрана на македонскиот идентитет)