Богатиноски: Прво потпиши на нотар дека ќе ги исполниш ветувањата, па кандидирај се за градоначалник

Мартин Богатиноски
Прочитај за: 2 минути

 

Народот јасно гледа што се случува, знае да цени и да суди. Оваа излитена и здодевна фраза ја користат сите политичари во земјава – од локални советници, потрчковци и лепачи на плакати, па сѐ до оние покрупните – градоначалници, министри, па и премиери. Буквално сите ја „папагализираат” истата реченица, без разлика дали се опозиционери кои се борат за власт, или, пак, се актуелни функционери кои не сакаат да го загубат удопството на фотелјите, пишува новинарот Мартин Богатиноски за порталот Плусинфо.

Оние од опозиција велат дека народот знае да цени и да суди, веројатно сакајќи да испратат порака дека актуелните функционери ќе ја слушнат „пресудата” од народот на следните избори поради нештото што (не) го направиле за време на мандатот, односно дека ќе ги загубат изборите.

Оние од власта велат дека народот знае да цени и да суди, сакајќи да се испуваат со сето она што (не) го направиле за време на мандатот, односно дека на следните избори нивните противници од опозицијата ќе ја слушнат „пресудата” од гласачите и ќе бидат принудени да го признаат поразот.

Но, дали и едните и другите вистински веруваат во фразата што постојано ја повторуваат? Не би рекол. А дали народот вистински верува во содржината што му ја сервираат политичарите пред избори? Голем дел, за жал – да. Авторитарен си е македонскиот електорат, си се врзува за победник и за власт, за партија наместо за индивидуа, и тоа е тоа.

И тек допрва, цело лето и половина есен, сѐ до денот на локалните избори во октомври, ќе се изнаслушаме за тоа дека народот знае да цени и да суди. Секој кандидат за градоначалник од опозицијата, претпоставувам, на секој митинг и на секој јавен настап ќе повторува дека народот на денот на гласањето ќе ги осуди актуелните градоначалници кои не направиле ништо во изминатите четири години. Секој актуелен градоначалник кој ќе се вклучи во трката за втор мандат ќе кажува (а некои веќе почнаа) дека народот знае да суди и да ги цени работите што биле направени во изминатите четири години.

Досадно, зарем не? Но, зошто да не направиме исчекор и да ја „легализираме” ваквата фраза? Оти, вака, сѐ е без врска. Ниту народот суди, ниту некој ќе биде осуден. Бадијала арчење зборови, бадијала празни муабети. Ако народот навистина имаше моќ да суди, многумина од актуелните политичари сега повторно ќе продаваа лубеници во Горни Милановац или ќе поправаа прозорци во јавни установи.

Зошто, на пример, сите фрази од тој тип и сите предизборни ветувања што ќе ги даваат кандидатите за градоначалници, не бидат јасно наведени, потпишани и нотарски заведени?! За да не мора народот да „суди”, туку тоа да го прави оној чија работа е да суди – судијата.

Не си го реализирал тоа што си го ветил, а си потпишал дека ќе го реализираш? Ајт на рочиште!

Си ветил дека ќе изградиш нешто, а не си изградил? Е па, братко, си извршил предизборна манипулација, си ги прелажал граѓаните и треба да ти се суди. Во судница!

Па така, ако веќе во Кривичниот законик постои „Изборна измама” (Член 165), тогаш зошто да не се додаде и „Предизборна измама“?

SHARE