Ерата на учители е мртва!

blaze arizanov
Прочитај за: 3 минути

Ерата на учители и херои е мртва.

Зошто?

Заради протечноста на капиталот. Заради отворените граници. Заради недостаток на понизност на другата страна.

Ако јас знам, а десетмина не знаат – Зошто би се мачел да ги научам? Наместо да ги учам, ќе си појдам на друго место благодарение на отворените граници и директно би преминал на заработување – наместо на подучување.

Зошто би направил екстра напор да ги подучам игнорантните во ера на отворени системи?

Заради овие две работи – протечноста на капиталот и отворените граници, јазот меѓу оние што знаат и оние што не знаат ќе се зголеми. При затворени системи приморан си да останеш на едно место и сакал-нејќел да се бавиш со подучување на оние што не знаат – сакал-нејќел, мора да постанеш херој. Или учител.

При затворени системи, порано или подоцна оние со знаење мораа да се насочат кон едукација на оние што не знаат.
Бидејќи оние што не знаат наскоро беа во толкава бројка што нивната игноратност се закануваа да ги раскинат малкумината што знаат – револуција. Значи на малкумината што знаат им останува или да се заштитат себеси со огромна физичка сила – војска, или да го остават она во што станале природно добри и да почнат да ги подучат оние што не знаат.

Денес при отворените системи и проточност на капиталот имаш и трета опција – едноставно заминуваш. Ги оставаш игнорантните. Заминуваш ти, а притоа го претвораш капиталот во ликвидност и он станува лесно портабилен – заминува со тебе. На мнозинството што не знае им ги оставаш само празните ѕидови.

При отворени граници – зошто би си ја трошил младоста и енергијата на подигнување на игнорантните? Едноставно одиш на друго место и наоѓаш други како тебе.

На ваков начин доаѓа до групирање на оние што знаат. А од другата страна остануваат само оние што не знаат. Квалитетот се филтрира од неквалитетот.

Затоа спомнав – ерата на учители и херои веќе не постои.

Хероите и учителите и револуционерите се можни само при затворени системи. Не при отворени. При отворени имаш можност директно да го материјализираш своето знаење наместо да чекаш да и остатокот почне да знае и да се вразуми.
Проблемот со оние што не знаат не е незнаењето. Туку егото. Нивното огромно его ги спречува на понизност а недостатокот на понизност ги попречува да спознаат.

Затоа во минатото беа можни учители и херои. Не само ради затворените системи. Туку заради тоа што предуслов да имаш учител од една страна е да имаш понизност на другата страна. Да замолчиш и седнеш со склопени раце.
Денес немаме понизност. Ради тоа немаме ниту учители или херои. Социјалните медиуми ни даваат илузија на информираност и знаење. Без да пред тоа некој нé поучил што на прво место претставува знаење. Не знаеме на Т-сметка да претставиме како функционира печатењето пари – но знаеме дека преку печатење пари богатите земји ги држат сиромашните во заточение и знаеме шок доктрини и знаеме империјализам и знаеме злобен Запад и знаеме глобалисти и знаеме, не знам што?

Не ги знаеме основите на ништо, но затоа ја знаеме глобалата на сé? Зарем е чудна количината на глупост што вирее наоколу? Теориите на заговор се ништо друго освен доминација на апстрактното знаење во замена на конкретното – приказните надмашуваат врз фактите, фантастичното врз рационалното – децивилизација.

Е заради тоа богатиот ќе стане побогат. Сиромашниот ќе осиромашува.

Оној што знае, ќе знае уште повеќе. Оној што не знае нема да знае уште повеќе. Отворените системи поттикнуваат концентрација и на знаењето и на незнаењето.

Економијата на знаење го зголемува премиумот што го добива оној што знае. Јазот ќе расте. А револуцијата нема да помогне. Против кого ќе се бунтуваш кога оној против кој се бунтуваш нема веќе да има потреба да се бори против тебе туку едноставно ќе си замине?

А иронијата е што начинот на затварање на јазот е преку образование. Образованието е агенда на демократските системи. А гледаме се повеќе фаворизација на автократското во споредба со демократското.
Се што ќе следува ќе си биде од нас за нас.

Тука лежи и предизвикот кај отворените системи – при отворени системи ги плаќаш далеку поскапо и двете – и мудроста (далеку повеќе позитивен исход), и глупоста (далеку повеќе негативен исход).

Пишува Блаже Аризанов – Авторот е докажан и успешен претприемач

SHARE