Бардовчани се сретнаа со Пендаровски: Не сакаме прифатен центар за бегалци и точка!

Прочитај за: < 1 минута

Денес, на 1 октомври 2021 година, претседателот на дежавата, г. Стево Пендаровски прими тричлена делегација на граѓаните од Бардовци. Ние, Бардовчани сме револтирани од изградбата на Прифатен центар за странци веднаш до нашите домови. Веќе втор месец протестираме пред институциите, пред Владата, или блокираме крстосници, за да го дигнеме својот глас и да порачаме дека мора да се сопре со изградбата и да се дислоцира Прифатниот центар за странци од Бардовци.

Ова е прва официјална средба на висок македонски политичар со нас како граѓани на оваа држава. До сега,  од локалната и извршната власт не беа подготвени да слушнат за нашиот проблем. Ставени сме пред ѕид на молк и на неисполнување на барањата на цела една населба, во која живеат и многу амбасадори. Иако, до сега се испратени официјални писма, барања за средба до Премиерот, Министерот за внатрешни работи, како директен корисник на објектот, сите пратеници во Македпнското Собранието, до сè уште актуелниот градоначалник на општина Карпош и до сите советници во општината.

Покрај средбата со Шефот на делегацијата на ЕУ, г. Гир, направени се и неколку неофицијални средби, со политичари, но институциите немаат слух за своите граѓани.

На средбата со Претседателот Пендаровски, ние, претставниците на Бардовчани, го запознавме со актуелната состојба, со незадоволството на граѓаните и му беа презентирани повеќе од 1700 потписи на граѓаните кои се против изградбата на овој центар. Европската унија финансиски ја поддржува изградбата на објектот со 1.5 милиони евра. Договорен орган е Делегацијата на Европската Унија, a корисник е македонското Министерството за внатрешни работи. Господинот Пендаровски внимателно нè сослуша и ги разгледа аргументите кои ги поседуваме. Беше договорено дека дополнително ќе го разгледа случајот и дека ќе реагира во рамките на можностите.

SHARE