
Доста Андоноска од Кичево е жената која ја освои премијата од над половина милион евра, откри Државна лотарија на својата официјална фејсбук-страна.
Андоноска која најблиските ја знаат како Доли е прекрасна енергична жена, стечаен работник од „Кичево Пром“, денес пензионерка, сопруга, мајка и баба.
„Нашата добитничка дојде во просториите на Државна лотарија со електронската потврда од уплатата на нејзините среќни броеви. Добивката е потврдена, Доста е нашата 27-ма лото милионерка. Потоа е остварена средба и со генералниот директор на Државна лотарија во срдечен разговор, при што дознавме дека таа игра повеќе од 45 години, и неуморно верува во среќата. Последните години ги игра истите 4 комбинации, а еднинствено ја менува 5-тата, токму таа којашто ѝ ја донесе 7-ката“, информираат од Државна лотарија.
Баба Доста на сите им порачува дека за да добијат, мора да се полни со верба во среќата и со чувство дека ќе добијат. Како што вели, таа чувствувала дека еден ден ќе добие 7-ка и низ годините учествувала во сите различни видови лото игри.