Ангеловски: Не се Бугарите тие кои ја водат валканата игра на “добрососедство“, туку бугарскиот “двор“ и македонските “врховисти“ предводени од “Врховниот комитет“ сместен на Илинденска

Прочитај за: 2 минути

Денес, во време кога веќе триесеттина години е остварен сонот на “централистите“ за независна и самостојна Македонија во срцето на Балканот, духот на “врховизмот“, со потпишувањето на “Договорот за добрососедство“, повторно излезе од шишето и како најгуста магла ползи над Балканот. И, кога сите мислевме дека таквиот “Договор…“ е резултат на скудните умови на Заев и соработниците и дека навистина не знаат што прават, се појавува реален сомнеж за вмешаноста на бугарскиот “двор“, овојпат претставен од Радев и Борисов и, повторно, како пред стотина години, штедро наградување со дворските жолтици заради пропагандна но и братоубиствена војна за бугарскиот карактер на Македонија. Па, Владата на Заев и неговиот “престолонаследник“, од Влада на Република Македонија, со малку фантазија, може да се преименува во “Врховен комитет“.

Го пишувам ова за да не се внесува зла крв меѓу Македонците и Бугарите (оние кои се свесни за своето бугарско потекло) и да се знае дека и после сто години ова не е пресметка меѓу Бугари и Македонци, туку возобновена дворска игра за меѓумакедонска пресметка на врховистите од една и централистите, од друга страна. Врховистите, штедро наградувани со “дворските“ жолтици како “национални приврзаници“, кои еве и после сто години се користат како “внатрешни сојузници“ и оправдувачки фактор за незгаснатите територијални претензии, поттикнувани од бугарскиот “двор“.

Оттука, сам по себе се наметнува фактот дека ова, всушност, не е заложба за внесување на Бугарите во Уставот на Република Македонија, туку внесување на “врховистите“ кои постојат како резултат на игрите на бугарскиот “двор“ и жолтиците кои штедро се истураат за заслуги во пропагандната братоубиствена војна против Македонците.

Затоа, од една страна, на ниту еден Бугарин од Хасково, на пример, не му значи ништо дека ќе биде во Уставот на Република Македонија и, реално, ниту нешто ќе добие, ниту ќе изгуби со тоа.

Од друга страна, бугарскиот “двор“ ќе го изгуби оправдувачкиот фактор за своите територијални претензии, а за овдешните “врховисти“, како и за пропагандистите од типот на Џамбаски, ќе секне изворот на жолтици бидејќи ќе бидат непотребни во оневозможените дворски игри.

Со еден збор, не се Бугарите тие кои ја водат валканата игра на “добрососедство“, туку бугарскиот “двор“ и македонските “врховисти“ предводени од “Врховниот комитет“, кој со малку фантазија може да го сместите на “Илинденска“ на брегот на Вардар. Онаму кајшто “сокол пие вода“ во националромантичните соништа на “дворските“ пропаганди.

Целата колумна на Страшко Ангеловски прочитајте ја тука.